ФК Вардар АД ги заокружи летните подготовки со серија од пет контролни натпревари, одиграни за време на тренинг-кампот
во Раденци, Словенија. Под водство на Гоце Седлоски, тимот беше селектиран и работеше интензивно на темпирање на
формата, уигрување на новите засилувања и поставување на тактички основи за настапите во Лигата на конференции на
УЕФА и во домашните натпреварувања, првенството и Купот.
Резултати од контролните натпревари:
Вардар – Будуќност (Подгорица) 3:0
Вардар – Олимпија (Љубљана) 0:2
Вардар – Рапид (Букурешт) 1:0
Вардар – Марибор 0:5 (играно 2x60 минути)
Вардар – Напредак (Крушевац) 2:2
Вардар прикажа различни лица во текот на подготовките, што е нормално за еден тест-период пред почеток на една сезона.
Кампот започна одлично, со убедлива победа од 3:0 против црногорскиот шампион Будуќност, во натпревар кој донесе добар
ритам, брз проток на топката и ефикасност во завршница. Тоа беше прва потврда, дека Вардар е на вистинскиот пат во
кондициски и во тактички поглед, односно дека следува продолжение на формата со која го завршивме минатото првенство
и го освоивме Купот на Македонија (18 натпревари без пораз, 12 победи и 6 реми средби).
Победата против Рапид Букурешт (1:0), благодарение на погодокот на Закариќ во раната фаза од мечот, беше втор показател
за зрелост и дисциплина против добро организиран противник.
Мечот против Олимпија Љубљана (0:2) и високиот пораз од Марибор (0:5) открија одредени моменти на кои треба да се
посвети внимание, во ротациите и кондицијата. Но, станува збор на дуели во кои головите беа примени кога на
теренот имаше комбиниран состав, без првотимците.
Во последната контрола против Напредак, натпреварот заврши со реми 2:2. Вардар одигра борбено, креираше шанси и покажа
добар офанзивен импулс, против екипа која е со квалитетен ростер, особено за наши и за регионални услови.
Тренерот Седлоски ротираше голем број играчи, со цел да добие прецизна слика за расположливиот кадар.
Од физички аспект, тимот делуваше подготвено, а менталната стабилност во моментите на притисок,
беше клучна за позитивните резултати. Истата, мора да се одржи и во натпреварите под резултатски товар.
Со две победи (Будуќност и Рапид) и силна прва фаза против Марибор, едно реми (Напредак) и два пораза
(Олимпија, Марибор), Вардар ги одработе летните подготовки со јасна структура и дефинирана визија.
Овој период послужи како основа за темпирање на формата и како сигнализатор за сегментите кои бараат
финална корекција.
Нашиот тим има потенцијал, карактер и јасна идеја. Сега следува конечното подесување, дефинирање на стартната
единаесетка и фокус кон првиот европски предизвик, против Ла Фиорита од Сан Марино, на 10-ти јули во Скопје.
Со поддршка од публиката, која очекуваме да го наполни Градски, односно арената Тодор Проески и целосна посветеност
на сите сегменти во клубот, Вардар има капацитет да ја отвори натпреварувачката година со европски чекор напред.
Црвено-црниот мотор е загреан. Следува старт на сезоната. Напред Вардар!
Погледнете ВИДЕО од подготовките во Раденци, Словенија.